
Балкан, тоа е оној планински венец што започнува од Тимок и завршува кај Црното Море - во должина нешто повеќе од 350 километри. На турски балкан значи шумовита планина. Така во литературата ја наречуваат Стара Планина. Кон почетокот на минатиот век, значи, пред неполни двесте години, оваа планина и го позајми своето име на цела комплексна географска целост - онаа во југоисточниот дел на Европа, чии краишта на запад се миени од водите на Јадранското и Јонското Море, на исток од Црното и Мраморното, а на југот од водите на Егејското Море. На север Балканскиот Полуостров е отцепен од трупот на Европа со реките Сава и Дунав. Според тоа, во рамките на овој простор влегуваат териториите на Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија како и еден дел од Турција, оној што се наоѓа во Европа и на кого се протега нејзиниот државен суверенитет, и Добруџа, на која, исто така, се протега државниот суверенитет на Романија. Неговата површина изнесува 566.567 квадратни километри, а бројот на населението околу педесет милиони.
За љубопитните: Балканскиот Полуостров со набирање е создаден во терциерот. Основата му е составена од палеозоиски шкрилци преку кои лежат мезозојски седименти. Под името Балкански Полуостров до 1918 година се подразбирала територијата што ја заземало турското царство и не го опфаќаше подрачјето на кое се прострираше Австро-унгарската монархија.
Руските учени Гиндин и Мерперт во заедничкиот труд "Античка балканистика и етногенезата на народите на Балканот" ќе запишат: "На Балканот се формирани првите државни образованија и првите цивилизации во Европа. Таму треба да се бараат врутоците, фактички, на сите основни насоки на развојот на европската култура - од појавата на писменоста и најстарите литературни споменици до редица видови култура и наука, кои таму достигнаа блескав процут, чиј врв стана големата античка култура. Исто така, Балкан се претвори во центар на најсложените етнолингвистички појави на старата историја. Со нив е врзана и разработката на коренити проблеми на етничкиот состав на староевропското население - како неиндоевропското, така и индоевропското" . Д-р Лидија Славеска се согласува со ова мислење, потенцирајќи дека тоа се потпира врз непобитната аргументација до која дошла Марија Гимбутас, Литванка, истражувајќи ги и толкувајќи ги археолошките наоди со писмени знаци од културниот круг означен како стара Европа. Врз основа на овие проучувања, подвлекува д-р Славеска, Харолд Харман ја напишал досега најсеопфатната документарна историја на познатите системи за пишување. Притоа тој констатирал дека на најразвиените цивилизациски кругови припаѓа и ареалот на Егејот и Средниот Балкан, Јужниот дел на Јадранот, Централното Подунавие, источните балкански области и тоа се меѓу седум илјади и шест илјади години пред Христа. Веќе кон средината на седмиот миленум пред новата ера, културниот комплекс на Централен Балкан е на прво место по цивилизацискиот напредок. Тој негов континуитет продолжува околу две илјади години - се до средината на четири илјади години пред Христа! Тоа е т.н. Винчанска култура, наречена според локалитетот Винча на четиринаесет километри од Белград.
Ареалот на оваа култура се простирал по Подунавието, просторите на денешната Унгарија, Романија и Бугарија, се спуштал по средишниот дел на Србија, па преку Македонија допирал до Халкидик. Она што на винчанската култура и го обезбедувал првенството меѓу другите култури, кои тогаш, се развиваа, да речеме, во Мала Азија, бил, покрај другото, и употребата на писмото. Глинените предмети и вотивни плочи, испишани со винченското писмо, особено оние од Винча, по научната обработка во поново време, открија: почетоците на старото балканско писмо датираат од крајот на 6000 години пред Христа и дека се домородни и автентични. Некои размислувања дека некој трговец би можел сумерското писмо да го пренсе во овој дел на Европа, доста убедливо ги демантира Харолд Харман, докажувајќи дека меѓу првите докази на винченското писмо и сумерските записи се протегаат долги два милениума. Харман, следејќи ги паралелите што ги повлече Марија Гимбутас меѓу староевропската и класичната античка културна традиција, го одреди винчанското писмо како средство за комуникација меѓу луѓето и боговите на религиозни церемонии, па затоа написите биле кратки и најчесто се состоеле од комбинација од неколку знаци.
Лидија Славеска го потврдува долгото траење на досега најстарото писмо и неговата просторна раширеност со наодите на македонскиот археолог Душко Алексовски на тајното писмо од една пештера близу до селото Рударе во козјачко-осоговскиот регион, овде, во Македонија: откриени се повеќе локалитети, каде што на карпите има врежани графени, цртежи и симболи.
"Врз основа на егејската и микенската култура, ќе истакне Јован Цвијиќ, во егејската област на Полуостровот се разви сјајната елинска цивилизација, која зрачеше низ сите земји и сите времиња... Во овие области, особено во Цариград и Солун, христијанството, по потекло од Палестина, мошне рано фати длабок корен. Од Цариград и Солун поаѓаа енергични проповедници на христијанството, кои покрствуваа толку многу народи особено словенски"
20. Кога стивна вревата Павле ги повика учениците и, откако им даде упатства, се прости со нив и излезе за да тргне кон Македонија", запишано е во Библијата.
Меѓутоа, од 1300 до 1200 година пред настаните што ги одбележуваат овие редови, Балканот бил опфатен од нови немири, кои се одвивале во големи бранови. Тоа е епоха кога била уништувана древната микенска култура, кога паднала Троја, кога се појавила керамиката во Пелагонија и околу Охрид ...
Балканот бил и останува простор на кој се испреплетувале историски, политички, религиозни, етнички и духовни собитија. Процесите што се одвивале на оваа ветрометина, на која се вкрстувале патиштата и во многу случаи се одлучувала судбината на многу народи и држави, мешањето на јазиците и начинот на живеењето, како и заедничките традициите во секојдневната живеачка, сето тоа не успеало да го наруши континуитетот на различноста на народите. Писателот Луан Старова ќе рече дека, наспроти се, "Балканот не случајно останува центрифугален мозаик при што и посебните ентитети на неговите различни народи имаат цврста структурална логика на постоење, со цврсти одбранбени идентитетни рефлекси". Македонија во овој експлозивен цивилизациски центар, како што ќе рече д-р Лидија Славеска, според писмените традиции имала значајно место.
Македонија - библиска земја!
Зашто, напишано е во Светото Писмо:
16.9. Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: "Премини во Македонија и помогни ни"!
16.10. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повика таму да го проповедаме Евангелието".
Инспиративно, поетот Анте Поповски ќе запише:
"Стоејќи загледан над картата на Македонија, човек, исто така, не може да се ослободи од чувството дека поинаку и не можел да изгледа нејзиниот простор: отворен за сите движења од Југ кон Север... Од аспект на планинските венци кои ја заградуваат Македонија, таа е затворена земја. Создадена за потајни пештери и молитви за монасите... Сето тоа е пресоздавано во духовни движења, кои во немирни и високи бранови надоаѓале од Исток и преку природниот и величествен мост - Македонија, се префрлале кон европскиот запад: античката уметност, христијанството, богомилството - темелните духовни иницијативи на европската преобразба. Без нив Европа би останала и натаму анонимен духовен север, студена територијална заборавност и простор на меѓусебни пресметки. Стоејќи, значи, наведнат над картата на Македонија човек и несакајќи се загледува во длабоките духовни корени на македонската земја, ги преповторува посланијата на апостолите и ја гледа како судбински портал низ кој се преобразува Европа. Географијата, чиниш, станува постварна од историјата. И точно во тој факт треба да се бараат длабоките корени на антиисторискиот порив за ампутирање на Македонија. Без неа, без Македонија, Европа би била клаустофобичен континент на минијатурни кралства, кој би се тресел во маглите и од студените балтички ветрови".
Македонија е земја во централниот дел на Балканскиот Полуостров. Вклучувајќи го и Халкидик, територијата на Македонија опфаќа околу 66.600 km2 со околу 4,5 милиони жители, главно, Македонци, меѓутоа, и Грци, Албанци, Бугари, Турци, Власи, Роми и други. Природните граници на Македонија на север започнуваат со Шар Планина, па преку Скопска Црна Гора, Руен, Герман Планина, Осогово продолжуваат до планината Рила. Родопите се нејзината граница на исток, Егејското Море, Олимп и Пинд ја потврдуваат нејзината историско-етничко-географска целост на југ, а Мокренската Планина, Јабланица и Кораб на запад.
Република Македонија, пак, го зафаќа централниот дел на Балканот.
Географските координати на крајните точки на Република Македонија на север се 42 степена 22' и 21" (северна географска широчина) и 22 степена 18' и 04" (јужна географска широчина), кои се соединуваат кај месноста Аништа, Кривопаланечко. На југ географските координати на крајните точки на Република Македонија се 40 степени 51' и 16" и 21 степен 07' и 33",кај месноста Маркова Нога кај Ресен. На исток се 41 степен 42' и 33", кај месноста Ченгино Кале, недалеку од Берово и на запад 41 степен 31' и 04" и 20 степени 27' и 32" (источната географска должина е по Гринвич) кај месноста Кестенар, Дебарско.
Република Македонија на север граничи со Сојузна Република Југославија (должината на границата изнесува 232 километра), на запад со Република Албанија (границата е долга 191 километар), на југ со Република Грција (262 километра) и на исток со Република Бугарија, со која ја дели гранична линија долга 165 километри. Вкупната површина на Република Македонија изнесува 25.713 km2.